Здравство

Ќе се набават уште 28.000 вакцини против грип

26.11.2019 14:25

Бесплатни вакцини против сезонскиот грип нема во поликлините, а побарувачка од ризичните групи има. Од ресорот велат, ќе набават дополнителни 28 илјади дози кои ќе бидат донација од американскиот Центар за јавно здравје. Бесплатните вакцини се наменети за пензионерите, децата до пет годишна возраст, трудниците и здравствените работници...

Кај матичните лекари нема слободни термини за бесплатни вакцини против сезонскиот грип. Граѓаните сакаат да се имунизираат, ама вакцините се потрошија. Здравствените власти ќе одвојат дополнителен буџет за нови, но ќе чекаат и донација од американскиот Центaр за јавно здравје. Ќе бидат обезбедени уште 28 илјади дози, кои наскоро ќе бидат достапни за пензионерите, децата до петгодишна возраст и за бремените.

„Дозите ги одредивме врз основа на буџетот кој што го имаме на располагање и врз основа на донацијата која што ни беше понудена од американскиот Центар за јавно здравје, тие допнителни количини за кои сметаме дека ќе бидат доволни со оглед на бројката на ризичните групи кои сакаме да се вакцинираат против грип се веќе на пат и тие ќе бидат во скоро време во нашата земја“, изјави министерот Филипче.

Ова го најави министерот Филипче на трибината со здравствените работници. Посочи дека инвестициите во овој сектор ќе продолжат за да се подобрат услугите и да се задржат лекарите во земјава.

„Се воведоа нови лекови, се воведе и една нова процедура на кои ние сме многу горди а тоа е изведувањето на трансплантација од несроден дарител за која претходно пациентите беа лекувани во странство“, изјави д-р Невенка Ридова, специјализант по хематологија.

„Она што можам да го кажам во однос на зголемувањето на платите. Ние ќе бидеме незадоволни. Затоа што акумулираните проблеми со кои се соочувавме последниве години, народот созрева и бара неговиот труд да биде платен“, вели Ивица Апостоловски – лаборант.

Од буџетот за следната година се предвидени 154 милијарди денари во здравството. Повеќе пари ќе има за подобрување на условите во здравствените установи, за набавка на опрема, лекови, за плати.

 

Андријана Атанасовска