Регион

Шест милиони денари првична финансиска помош за Албанија, испратени и тимови за спасување

26.11.2019 14:52

Помош пристигнува од сите страни. За санирање на последиците финансиска подршка од шест милиони денари и од земјава. Упатени се тимови за спасување во настраданите подрачја. Сочуство до семејствата на настраданите државниот врв, партиските лидери, граѓаните...

Шест милиони денари како првична финансиска поддршка ќе се издвојат за санирање на последиците од земјотресот во Албанија. Ова е одлуката донесена на Владина седница. Веќе се упатени тимови за спасување во настраданите подрачја составени од 30 стручни лица во кој има и и посебен тим со механизација. Надлежните велат, земјава целосно е подготвена да му помогне на западниот сосед.

„Под координација на двајцата подпретседатели на Владата, Османи и Спасовски, се организираме комплетно. Вклучена е и дирекцијата за заштита и спасување. Коминикацијата оди и преку министерот за надворешни работи, мојот кабинет, а амбасадорот на Албанија помага да ги согледаме сите потреби за пријателска Албанија. Уште еднаш сакам да изразам сочувство за жртвите“, изјави премиерот Зоран Заев.

Градот Скопје информираше дека за помош во настраданото подрачје ќе биде упатена и специјална екипа опремена со термални дронови за пребарување на преживеаните. Во акциите ќе се вклучи и тим од Дирекцијата за заштита и спасување.

Сочувство за семејствата на настраданите упати претседателот Пендаровски кој телефонски разговарал со неговиот колега од Албанија, Мета.

„Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и семејствата на жртвите, повредените и оние кои останаа без своите домови, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Северна Македонија и од мое лично име да Ви упатам изрази на длабоко и искрено сочуство“- стои во телеграмата на претседателот Пендаровски.

Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски во  разговор со претседателот на Албанија посочил дека во тешки мигови се истакнуваат најсветлите човекови карактеристики- солидарноста, помагањето и хуманоста.

Црвениот крст објави телефонски броеви за донации и жиро сметка.

 

Дијана Ценевска