Џафери: Без консензус и пред избори не се прават промени на изборниот модел
Претседателот на Собранието смета дека е краток периодот до самораспуштањето на Собранието за да се донесе законот...
Без општ консензус меѓу партиите не би требало да се влезе во измени на изборниот модел, смета претседателот на Собранието. Додава дека е краток периодот до самораспуштањето на Собранието за да се донесе законот.
„Мислам дека без општ консензус не би требало да се влезе во таков проект. Вообичаено такви проекти не се реализираат во последните месеци на работа на Собранието затоа што промената изискува и соодветни промени во моделот и во активности на други институции. Во тој контекст, мислам дека не би требало да се влезе во измени“, рече Џафери.
Доколку се влезе во такви измени, додаде претседателот на Собранието, тоа треба да биде на почетокот на мандатот на собранискиот состав, со цел, како што рече, да може да се остави простор и можност за другите институции да може да ги спроведат одредбите од тие измени.
Двата предлога, првиот за една изборна единица и вториот за отворени листи доставени од група пратеници се во собраниска процедура.
