Манчевски: 40.000 административци ќе се приклучат на „Не биди ѓубре“
Министерот ги повика и локалната самоуправа и институциите на општините, да се приклучат на акцијата. На акцијата ќе се приклучи и Делегацијата на Европската Унија и амбасадорот, Самоел Жбогар.
На 14-ти декември вработените во државните институции ќе се приклучат на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“, под мотото „Чистиме со Не биди ѓубре“. Акцијата ќе се одвива на повеќе локации во Скопје, како и во другите општини. Министерот за информатичко опшетство и администрација рече дека се очекува да се приклучат над 40 илјади луѓе.
„Ова ќе биде најмасовна акција за чистење, која планираме да стане традиционална, со која што вработените во државните институции ќе помогнат во зачувувањето на животната средина“, рече министерот Манчевски.
Тој ги повика и локалната самоуправа и институциите на општините, да се приклучат на акцијата. На акцијата ќе се приклучи и Делегацијата на Европската Унија и амбасадорот, Самоел Жбогар.
Поради природата на работата, вработените од здравствениот и образовниот сектор, градинките, како и оние вработени чијашто природа на работата не дозволува отсуство од работа, ќе се приклучат на акцијата со тоа што ќе ја чистат околината на установите во коишто работат.
