Пендаровски: Инклузијата на лицата со попреченост е показател за развојот на една држава
Посочи дека кога говориме за едно општество за сите не смееме да заборавиме дека тоа не смее да биде само парола, туку во него навистина мора да има место за секого.
„Моите раце се исти како и вашите, отворени и за ракување и за дружба, подготвени да им служат на сите луѓе во светот. Без вашите подадени раце, моите би биле сами“, со овие зборови, претседателот на државата, Стево Пендаровски го отвори Меѓународниот драмски фестивал за лица со и без хендикеп, насловен „Игри без маска, театар без дискриминација“. На фестивалот има учесници од земјава, но и од Србија, Босна и Херцеговина, Косово и од Бугарија.
„Без разлика на разликите што ги имаме сите ние сме еднакви и рамноправни. Токму меѓународниот инклузивен драмски фестивал „Игри без маска“ тоа и го покажува и го потврдува. Преку овој фестивал, но и воопшто во нашето секојдневие ве повикувам да го градиме духот на солидарноста, на почитувањето и прифаќањето на различноста“, истакна Пендаровски.
Посочи дека кога говориме за едно општество за сите не смееме да заборавиме дека тоа не смее да биде само парола, туку во него навистина мора да има место за секого.
„Инклузијата на лицата со попреченост е показател за развојот на една држава, огледало на свеста и совеста на едно општество и на сите негови граѓани. Да не останеме само на желби и соништа, да ги направиме нашите животи театарска претстава без крај, исполнета со разбирање, со помагање еден на друг и со безусловна љубов“, додава Пендаровски.
