Џафери: Пред избори не се прават измени на изборниот модел
Претседателот на Собранието, Џафери со став дека не треба да се прават измени на изборниот модел. Вели дека изборите се брзо, а и потребен е консензус меѓу партиите. Смета дека измени во Изборниот законик е најдобро да се прават на почеток од мандатот. До него не стигнале најави дека изборите во април би можеле да бидат одложени. Очекува на втори или трети јануари да биде формирана техничката влада...
Не треба да се прават измени на изборниот модел непосредно пред избори. Ова е став на собранискиот спикер Талат Џафери кој ги коментира предлозите на група пратеници од помалите партии кои бараат една изборна единица на предвремените парламентарни избори и отворени листи.
Овие предлози ќе се најдат пред пратениците на седница, но за да бидат изгласани, Џафери смета дека е потребен консензус меѓу партиите. Тој посочува дека измени во Изборниот законик најдобро е да се прават на почеток од собранискиот мандат бидејќи сега во теснец во организацијата ќе бидат и други институции засегнати со изборите.
До Џафери не стигнале никакви најави, како што кажа дека изборите во април би можеле да бидат одложени. Очекува на 2-ри или 3-ти јануари да биде формирана техничката влада.
Се надева дека овој состав на Собранието ќе го ратификува Договорот за членство во НАТО, имајќи предвид дека Шпанија сѐ уште не формирала влада по изборите.
На крајот од брифингот со новинарите, во џентлменски стил, со признаница и букет цвеќе собранискиот спикер прв ѝ го честита скорото заминување во пензија на доајенот на македонското новинарство и одличен познавач на собраниските случувања, Мира Костиќ од Македонското радио.
Миле Ристески
