Фетаи: Надоместоците во СЈО испадна дека се најголемиот криминал во државата
„Сите институции со светлосна брзина изразија подготвеност да ги истражат надоместоците, камо среќа во изминатиов период така да постапуваа по истрагите“ коментира обвинителката Фатиме Фетаи откако во јавноста се отвори дебата за износите кои ги добивале надвор од платата. Таа вели дека дополнителните примања за доверливост во работењето, не ги надминуваат патните трошоци на некои пратеници. Фетаи смета дека се претвориле во магационери и архивари на предметите што се во фаза на истрага, а кои беа преземени од редовното обвинителство...
Платите и надоместоците во СЈО испадна дека се најголемиот криминал во државата, изјави обвинителката Фатиме Фетаи пред рочиштето за случајот „Монструм“. Вели, изненадена е од брзината на реакциите на институциите да ги истражат надоместоците кои, според неа, не се далеку од патните трошоци на некои пратеници. Камо среќа со таква брзина да постапуваа сите институции во изминатиот период ќе немаше да има потреба од формирање на СЈО, додаде екс- специјалната обвинителка Фетаи.
„Истрагите седат во кутии, и затоа некои осомничени лица за измамнички дејствија и за поттикнување злоупотреби место денеска да бидат во судница на обвинителна клупа, тие мавтаат со лажни бројки и делат правни совети како треба да се води истрагата за надоместоците на обвинителите од СЈО. Има истраги кои се готови, спремни за обвиненија, конкретно зборувам за истрагата ’Моќник’ и за осомниченото лице Антонијо Милошоски“, рече Фетаи.
Истражители, по налог на шефицата на Јавното обвинителство, Вилма Русковска ја претресувале финансиската документација поврзана со исплатата на високите бонуси кои екс- обвинителката Катица Јанева ги доделувала за себе, но и на нејзиниот тим, а кои достигнувале и до 3.000 евра. Ова следуваше откако Апелацискиот суд на Јанева и одреди домашен притвор, по што Русковска со СМС порака се закани дека ќе ги провери сите.
Претходно, од осомничените за случајот „Рекет“ во домашен притвор беше пуштен и Зоран Милевски- Кичеец. Апелациниот суд го чека мислењето од вишото јавно обвинителство за притворот на Бојан Јовановски, по што ќе одлучува дали да му се укине или не. А, Боки 13 вечерта ја поминал на интензивна нега во Градската општа болница „8- ми Спетември“. За причините зошто е задржан во болницата се огласија од таму:
„Лицето Б.Ј. е хоспитализирано во нашата установа заради спроведување контролни прегледи по медицина базирана на докази. Дијагностичките процедури се во тек. По завршување на целата постапка, стручниот колегиум ќе се произнесе за констатираната состојба“- информираат од болницата.
Неговиот адвокат Сашко Дукоски, предупреди дека Јовановски е сериозно болен и бараше да биде хоспитализиран. Првото рочиштето за случајот „Рекет“ е закажано за 3-ти декември.
Фиљана Кока
