Поголеми субвенции за поголем добиточен фонд
На сточарите кои годинава го зголемија своето стадо им се исплатени по 30 проценти повисоки субвенции. На сметките на 7.000 фармери за оваа намена се префрлени повеќе од 400.000 евра со цел да се поттикне обезбедување на храна од домашно потекло и развој на економијата...
Фармерите кои годинава ги зголемиле своите стадата добиле за 30 проценти повисоки субвенции од основната. На сметките на повеќе од 7.100 сточари и земјоделски стопанства се исплатени 27.000.000 денари, а корисници на овие средства се сите одгледувачи на добиток кој во споредба со претходната година ја зголемиле бројната состојба во одгледувалиштата со нови говеда, овци, кози, маторици, несилки, и пчелини семејства.
Зголемена финансиска поддршка им следува на сите фармери кои и досега земале субвенции, а дополнителното 30 процентно зголемување се однесува за секое ново набавено или одгледано живитно.
Аргументите за оваа мерка се дека со развојот на домашното сточарство преку поголеми стада, се овозможува и поголем раст на производството на месо, млеко и мед во прехранбената индустрија.
Со зголемувањето на домашните производи од животинско потекло, се обезбедува поефтина сировина со што се влијае на намалување на увозот и се овозможува работење со пониски трошоци и поконкурентна цена со поголемо учество на овој сектор кој директно влијае на растот на вкупната економија.
Методија Трајков
