Евроинтеграции

Францускиот предлог за преговори има добри идеи

29.11.2019 15:05

Францускиот предлог за преговори е почетна точка, но нема да биде крајниот резултат смета австрискиот професор Флоријан Бибер. Вели дека ќе биде тешко да се очекува донесување нова методологија до јануари. Од владата со став - во францускиот нон-пејпер има идеи што се добри и идеи што нема да бидат лесно спроведливи. Важно е што крајот на процесот е забрзано приклучување кон ЕУ, изјави шефот на дипломатијата Димитров...

Никој во ЕУ не смета дека Западниот Балкан треба да остане надвор од Унијата, но се бара начин како да се постигне евроинтеграцијата, оцени австрискиот професор Бибер на дебатата „ЕУ и Западен Балкан- моментална состојба и идни сценарија“ во Скопје. Смета дека францускиот предлог за преговори нема да се усвои до крајот на јануари. Бибер наведува дека добро е што нон-пејперот од Париз предвидува само полноправно членство во ЕУ, но проблем е што секоја земја-членка има можности за блокада на процесот.

„Многу земји-членки кажаа дека крајното решение за новата методологија за преговори е прифатлива само ако вклучува датум за почеток на прегоовори особено за Северна Македонија. Друго прашање е дали е можно како што повеќето посакуваат тоа да се случи за време на хрватското претседателство, што зависи од динамиката во ЕУ меѓу Франција и Германија“, изјави професор Флоријан Бибер- Универзитет за Југоисточна Европа во Грац, Австрија.

Од Владата со став дека во францускиот нон-пејпер за преговори има идеи што се добри и идеи што нема да бидат лесно спроведливи. Важно е што крајот на процесот е полноправно членство и забрзано приклучување кон ЕУ, смета шефот на дипломатијата Димитров.

„Мислам дека во следниов период мојата клучна порака и овде и на сите средби со министри на земјите членки ќе биде дека е потребно итно и без одлагање донесување на одлуката за почеток на пристапните преговори. Тоа е важно за нашите напори дома, но и за балканот и за сериозноста и кредибилитетот на ЕУ во контекст на политиката на проширување кон Западниот Балкан“, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Димитров смета дека е важно во регионот да има еден процес на евроинтеграција за да можеме рамноправно да се натпреваруваме со другите земји од Западниот Балкан што веќе ги почнаа преговорите.

 

Ирина Гелевска