Интеграции

Шведска го поддржува процесот на пристапување на Северна Македонија и реформската агенда

02.12.2019 14:42

Шведска го поддржува процесот на пристапување на Северна Македонија. Кохезивна ЕУ е најголемиот капитал наспроти свет кој изобилува со несигурност, порача шведската амбасадорка во земјава Кристин Форсгрен Бенгстон. Работата за демократските вредности не завршува никогаш, а ние ги спроведуваме реформите прд сѐ за подобар живот на нашите граѓани, истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска...

Шведска го поддржува процесот на пристапување на Северна Македонија и реформската агенда и ќе продолжи да и дава поддршка во областа на владеењето на правото и во областа на медиумските слободи не само овде, туку и во другите балкански земји, посочи шведската амбасадорка во земјава Кристин Форсгрен Бенгстон. Додаде дека не прават компромис околу владеењето на правото и демократијата. Веруваме дека една кохезивна ЕУ е нашиот најголем капитал во еден свет кој што изобилува со несигурност и неизвесност, затоа што на тој начин ќе можеме да се бориме против предизвиците на нашето време.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна- земјава ги спроведуваа реформите затоа што сака подобра држава. Сакаме, како што рече, да живееме во демократско општество, каде се почитуваат сите граѓани, кое е праведно, кое се бори и сака правда, со секојдневен напор.

Стотина активисти за заштита на човекови права од регионот на Западен Балкан и Турција учествуваат на форумот во организација на „Сивил рајтс дефендерс“ каде се дискутира за евроинтеграциските процеси во услови на засилен пораст на популистички закани.

 

Фиљана Кока