Европски пари за македонската Царина
Спроведен е проект преку кој значително е подигнат капацитетот на институцијата. Поголемата ефикасност значи и пониски трошоци за економските оператори. Приходите се зголемуваат...
Подигнување на административните и на оперативните капацитети, поврзување со царините на земјите-членки на Европската унија, поефикасни контроли и пониски трошоци, обуки и нови методи во работењето. Ова се резултатите од спроведениот проект, вреден 1,6 милиони евра, реализиран со Царината во последниве нешто повеќе од две години.
„Крајна цел на сите наши активности е намалување на трошоците на економските оператори, олеснување на трговијата и обезбедување подобра контрола“, нагласи Ѓоко Танаскоски, директор на Царинската управа.
Ефектите видливи и од зголемени приходи од царинското работење.
„Улогата на Царината е да се постигне вистинскиот баланс меѓу контролата и собирањето на приходите, а во исто време да се олесни трговија, да се обезбедат услуги за економските оператори и да се почитуваат законите. Собраните приходи од Царинската управа во првите три квартали од годинава се зголемени, изнесуваат 1,1 милијарда евра, над половина од вкупните даночни приходи“, вели Фрик Јанмат од Делегацијата на ЕУ во земјава.
Поврзувањето со царините на европските држави, важно и за полесна интеграција на нашата земја во единствениот пазар.
„Свесен сум дека во октомври имаше еден критичен момент кога Европскиот Совет не донесе одлука за отворање на преговорите со Северна Македонија. Ние сметаме дека преговорите ќе почнат во наредниот период, Северна Македонија припаѓа во Европската унија, ЕУ нема да биде комплетна без овој регион“, изјави Георг Вуцас, амбасадор на Австрија во С. Македонија.
В година со европски пари од ИПА-програмата ќе се работи на нов проект за воведување компјутерски податочен центар. Ќе обезбеди нормално функционирање во време на криза и непогоди, со што ќе се избегне прекин на постапките и на трговија.
Мартин Пушевски
