Здравство

Расте бројот на граѓани со тироидни заболувања

04.12.2019 14:07

Се зголемува бројот на болни со тироидна патологија. На Институтот за патофизиологија годишно се извршуваат повеќе од 20 илјади прегледи со апарат стар една деценија. Институтот доби јапонски грант за набавка на нов, кој ќе ја подобри дијагностиката и ќе го намали времето на чекање...

По една деценија користење стариот ехо апарат за дијагностицирање нарушувања на тироидната жлезда ќе биде заменет со нов. Ќе се подобри дијагностиката, ќе се намали времето на чекање. Досега и по месец дена пациенти се бореа да закажат преглед. Расте бројот на граѓани со тироидни заболувања. На Институтот за патофизиологија годишно се извршуваат повеќе од 20 илјади прегледи. Половина од пациентите имаат потреба од дополнителна испитувања, за што беше неопходна и современа апаратура– велат докторите.

„Институтот за патофизиологија прави најголем дел од пункциите водени под ултразвук на тироидната жлезда и сите останати органи од вратната регија. Не само нарушувања на тироидната жлезда туку и тироидниот карцином заедно со малигниот меланом се малигни тумори кои што покажуваат зголемена инциденца. Навремената дијагностика и соодветниот третман, со овој звучен апарат ќе помогне многу во подобрата дијагностика и во поефикасна терапија на овие болни“, изјави д-р Даниела Миладинова, Институт за патофизиологија и нуклеарна медицина.

Јапонски грант од 23 илајди евра доби Клиниката за патофиологија за набавка на апаратот со кој преку дијагностички ултразвук на тироида и вратна регија ќе се вршат сите испитувања.

„Овој ехо апарат ќе овозможи значајно зголемување на бројот на пациенти кој што се дијагностицираат скратување на времето на чекање и најсовремена форма на дијагноза водена под ултразвук со цел да се избегнат компликациите“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Годинава јапонска помош имало и за болниците во Кавадарци и во Кратово, и за Клиниката за дигестивна хирургија.

 

Андријана Атанасовска