Случај „Рекет“

Три години затвор за Зоран Милески- Кичеец

04.12.2019 14:28

Три години затвор за примање награда заработи Зоран Милески- Кичеец, третообвинет во случајот „Рекет“. Судот одлучи да остане во домашен притвор. Адвокатите ќе се жалат за висината на казната. Рочиштето против Бојан Јовановски- Боки 13 и поранешната специјални обвинителка, Катица Јанева ќе продолжи в петок...

Три години казна затвор на Зоран Милески- Кичеец му изрече судот за примање награда. Прва пресуда за случајот „Рекет“, која доаѓа ден по признавањето на делото. Во издржувањето на казната ќе се смета и времето поминато во притвор. Останува во домашен притвор до правосилноста на пресудата, како што побара Обвинителството. Одбраната бараше да се брани од слобода.

Адвокатскиот тим на Милевски најави жалба до Апелација. Сметаат дека е превисока изречената казна затвор. Обвинителството е задоволно од пресудата.

Како што појасни судијката, при изрекувањето на пресудата биле земени предвид и олеснителните околности, Милевски првпат дошол во судир со законот, бил семеен човек со пет деца, единец кој се грижел за болниот татко, како и признавањето на вина.

За разлика од Милески, Бојан Јовановски и Катица Јанева рекоа дека не чувствуваат вина.

 

Наташа Гркова- Петрушевска