Не запира масовното иселување на младите од регионот
Младите луѓе од Западниот Балкан масовно се иселуваат поради економски причини, но и поради нефункционалните држави, оценуваат европски експерти. Според нив, населението во земјите од регионот ќе старее, ако не се сменат условите за живот. Расте и илегалната трговија со мигранти кон земјите од ЕУ...
Не запира масовното иселување на младите од регионот во земјите од ЕУ. Како последица на тоа населението старее, оценуваат експерти од Унијата. Според нив, причините најмногу се економски, но и зашто младите не гледаат просперитет поради нефункционалните држави каде што нема вистинско владеење на правото.
Посочуваат дека истото се случи во Словенија и Хрватска откако станаа членки, а најмногу се населуваат во Австрија, Ирска и Германија.
Од почетокот на годинава Германија објави дека е отворена за доселување на луѓе од западниот балкан за да се надомести недостигот од работна сила.
Освен овој проблем, во регионот последнава година е забележан зголемен организиран криминал со трговија на илегални мигранти кон ЕУ. Меѓу илегалците нема државјани од земјите од Западниот Балкан и најмногу се од Пакистан, Авганистан и Ирак, велат експертите.
За спречување на иселувањето и илегалниот шверц со луѓе од Западниот Балкан, потребна е широка координација на сите земји од регионот и ЕУ, оценуваат европските експерти.
Ирина Гелевска
