Поповски: Нашата влада е прва во регионот со стратешки план за борба против лажните вести
Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, имаше воведно обраќањена 4-та Регионална Конференција за координирана превенција од безбедносни ризици во Југоисточна Европа...

Сајбер и хибридните закани, пропагандата, дезинформациите и „лажните вести“ се глобален проблем и имаат потенцијал да го поларизираат јавното мислење, да промовираат насилен екстремизам и говор на омраза- порача министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, кој имаше воведно обраќањена 4-та Регионална Конференција за координирана превенција од безбедносни ризици во Југоисточна Европа, денеска во Трст, Италија.
„Како одговор на овие сајбер закани и согласно заложбите за отвореност, отчетност и транспарентност, Владата на Република Северна Македонија е прва влада во регионот, вклучувајќи ги Бугарија и Грција, којашто има стратешки план за борба против лажните вести. Нашата цел е да ја зајакнеме националната безбедност и сигурноста на граѓаните и да ја браниме и унапредуваме демократијата“- потенцираше Поповски.
Министерот посочи дека нашата земја во изминатите две години во повеќе наврати се соочи со сајбер закани и со значително ширење на дезинформации, и го презентираше последниот детектиран хибриден напад врз Премиерот Зоран Заев, од страна на хибридни центри за манипулација преку злоупотреба на идентитетот на Грета Тунберг.
