Отворен регионален центар за аутизам во Охрид
Во Охрид е отворен современ регионален центар за аутизам, кој располага со современа опрема и кадар кој ќе може да се грижи за околу сто и давесет деца од југозападниот регион. Носител на проектот е здружението на граѓани „Во мојот свет“, а се реализира со подршка на министерствата за здравство на Северна Македонија и Бугарија...

Над сто деца со аутизам од Охрид и околните градови добија современ центар за престој, нега и третман што ќе функционира во охридската Општа болница. Центарот располага со дефектолошки и логопедски кабинети, сензомоторна и мултисензорна соба, како и други потребни услови за децата и персоналот.
„Станува збор за најсовремена опрема која што ги покрива сите потреби на децата за ваков еден третман, кој што може да излезе во пресрет и да се надминат проблемите во однос на психолошкиот развој, во однос на социјализацијата, во однос на тактилните способности и сето тоа под контрола на врвни експерти“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
„Денеска е празник за сите затоа што нема похумано и поблагородно дело отколку да се помага на деца што имаат здравствени проблеми. Тоа е каузата што треба да ја следиме во животот и горд сум што бугарската влада успеа да обезбеди средства за овој проект“, рече Кирил Ананиев, министер за здравство на Бугарија.
Носител на проектот е Здружението на граѓани „Во мојот свет“ што за своите активности имаше силна подршка и од Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот Стево Пендароски.
„Верувам дека овој центар ќе придонесе за подобрување на здравствената состојба на овие деца, а и возрасни пациенти“, нагласи Елизабета Ѓоргиевска- Пендаровска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски.
Овој центар ќе работи во координација со соодветниот во Скопје, како и со Клиниката за психијатрија и Центарот за ментално здравје, а за децата ќе се грижат обучени специјализирани едукатори и рехабилитатори, логопеди, семејни и клинички психолози.
Сашо Нелоски
