Манчевски: Дигитализацијата- клучен дел од реформата на јавната администрација
Министерството за информатичко општество и администрација потпиша меморандум за соработка со ОБСЕ за реформа во јавната администрација. Се анализираше што е направено и кои треба да се новите мерки во акцискиот план за спроведување на стратегијата за реформа на јавната администрација. За министерот Манчевски најважен дел е дигитализацијата...
Дигитализацијата е клучен дел на реформата на јавната администрација, смета ресорниот министер. Според него, веќе има видливи резултати, Централен регистар на население, нов портал за отворени податоци, а од наредната недела и нов Национален портал за електронски услуги, каталог за услуги.
Манчевски изјави дека усвоени се сите закони и има технички предуслови за активација на електронскиот идентитет на граѓаните. За наредната година најави дигитализација на клучните регистри од институциите и развој на дополнителни 120 нови електронски услуги.
За само пет дена се објавени 60 огласи. Министерот Манчевски уверува дека тоа не се предизборни вработувања.
Министерот најави дека пред стартот на летната туристичка сезона цените за роамингот со Грција ќе бидат намалени. Изјави дека договорот за роаминг што е направен со Западен Балкан е предуслов за да се укине со целата Европска унија. Очекува дека на следниот дигитален самит што ќе се одржува во април во Тирана ќе се детектира конкретна временска рамка кога ќе се укине роамингот и кон сите земји од Европската унија.
Ана Јосифоска- Тодоровска
