Црвен крст

Одбележан денот на волонтерите

05.12.2019 13:55

Вредноста која волонтерите ја создаваат и вградуваат во своите активности е бесценета, посочуваат од Црвениот крст. По повод 5 декември – Светскиот ден на волонтерството, доделени награди за посебни достигнувања...

Новка Велеска е наставник во основно училиште во Радовиш. Во Црвениот крст е волонтер речиси две децении. Хуманитарните мисии ѝ се предизвик, од нив научила многу животни лекции, но и на многумина им помогнала.

„Активно учествувам во сите хуманитарни акции, а бидејќи работам во училиште анимираме многу ученици кои понатаму стануваат волонтери на Црвениот крст. Пред два месеци имавме голема хуманитарна акција, собиравме парични средтства за операција на дете во Швајцарија од Радовиш“, вели Велеска.

Повик до младите да се вклучат во волонтерските акции на Црвениот крст упати пензионерот од Велес, Владо Хаџи Наумов. И по четири децении не размислува да ги напушти хуманитарните акции.

„Работата ми е повеќе поврзана со медицината. Бев претседател на одделот за пушење алкохолизам и наркоманија. Во два мандата бев претседател и на комисијата за прва помош. Иако сум во пензија се уште активно работам“, додава Хаџи Наумов.

Седум илјади волонтери во земјава секојдневно несебично даваат поддршка во хумани активности земјава. 

„Наши тимови се вклучени и надвор од нашата земја. Потврда за нивната несебичност е активирањето во последните настани кои што се случија во соседна Албанија кога беше земјотресот на 26-ти ноември. Наши екипи беа вклучени во доставувањето на помош“, изјави Виолета Кузмановска – сектор за креирање политики во Црвен крст.

Хуманост е да се одвои дел од слободното време и да им се помогне на оние на кои што им е најпотребно. Во светот има околу 20 милиони волонтери кои денеска го одбележуваат меѓународниот ден.

 

Андријана Атанасовска