Берово ќе се развива со планински туризам и велосипедизам

05.12.2019 12:25

На промоцијата во Берово вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека „Планински велосипедизам“ е еден од вкупно 47-те потпроекти кои во моментот се спроведуваат во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност и додаде дека се надева оти преку оваа активност ќе бидат привлечени многу туристи.

Со поддршка од Владата, Европска Унија и Светска банка се зголемуваат понудените содржини за туристи во Малешевијата преку потпроектот „Планински велосипедизам“ на здружението „Малешевска корија“ во вредност од 3,2 милиони денари, кој е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност. Европската Унија и Светска банка финансираат вкупно 47 подпроекти со грант од 18 милиони евра за развој на туристичките потенцијали.

Здружението „Малешевска корија“ го организираше настанот  „Малешевијата-Планински рај, еко и традиционален туризам“ со што се збогатува туристичката понуда на овој прекрасен предел на Македонија. Според директорката на проектот Антонија Шишак, набавени се 25 високо квалитетни велосипеди за планински туризам со опрема која што ќе им понуди вистинско уживање на пасионираните велосипедисти. Обучени се и двајца водичи.  Набавена е камера за креирање на промотивни видеа и слики, изработен е промотивен материјал и  веб страна преку која сите заинтересирани можат да се информираат за услугите и понудите и која обезбедува насоки за индивидуално користење на велосипедските патеки.

На промоцијата во Берово вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека „Планински велосипедизам“ е еден од вкупно 47-те потпроекти кои во моментот се спроведуваат во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност и додаде дека се надева оти преку оваа активност ќе бидат привлечени многу туристи.

Според него,  последните официјални бројки покажуваат дека туризмот може да биде една од гранките која што може да  ја задвижи економијата.

Планинскиот-спортски клуб „Малешевска корија" од Берово е една од 17-те асоцијации кои добија под-грантови од Проектот. Вкупната вредност на овие под-грантови за асоцијации е над 1,2 милиони евра, за развој на нови атракции за туристите низ целата земја, како што се летање со балони на топол воздух, јавање коњи , планински велосипедизам, обележани патеки за пешачење, самоводечки тури и падобрански скокови во тандем, изјави Марко Мантованели, директор на Светска банка за Македонија и Косово.

Евроамбасадорот Самјуел Жбогар, кој е воодушевен од Берово и Малешевијата, од природните убавини и храната, посочи дека  Македонија е објавена од страна на Lonely Planet како една од 10-те дестинации која треба да се посети во 2020 година.

Целта на овој потпроект е да се подобри локалната туристичка понуда за планински велосипедизам, да се поттикнат здрави животни навики и активности за грижа и почит кон планината, да се зголеми бројот на странски и домашни туристи во Малешевијата. Се очекува и да се  зајаке а економијата и да се намали  иселувањето на младото население.

Преку поддршката на Проектот за локална и регионална конкуретност асоцијациите кои работат во областа на туризмот ја збогатуваат македонската туристичка понуда и ги промовираат природните убавини и атракции со кои располага нашата држава. Потпроектите за асоцијации опфаќаат активности за промоција на македонската туристичка понуда, градење капацитети на вработените во туристичкиот сектор и збогатување на туристичката понуда, меѓу другото и преку набавка на опрема за изведување активности на отворено.

С.С.