Американски волонтери положија заклетва

06.12.2019 15:02

Најголемата група волонтери од Американскиот Мировен корпус се заколна на служба во земјава. Три месеци по пристигнувањето и престојот во семејства, се подготвуваа за мисијата, учејќи локални јазици и култура. 53-ца Американци во наредните две години ќе помагаат во училишта, општини, невладини и хуманитарни организации...

Најголемата група волонтери од Американскиот Мировен корпус се заколна на служба во земјава. Три месеци по пристигнувањето и престојот во семејства- домаќин, тие се подготвуваа за мисијата, учејќи локални јазици и култура. 53-ца Американци во наредните две години ќе помагаат во училишта, општини, невладини и хуманитарни организации.

„Ќе работам во Дебар како предавач. Сакав да дојдам да служам и да сретнам нови култури  и склучам меѓународни пријателства“, вели Џесика Хенбек- волонтер на Американскиот Мировен корпус.

„Јас исто ќе живеам и работам во Дебар. Ќе работам со Центарот за одржлив општински развој. Тука ќе бидеме во наредните две години што е вообичаена служба на волонтерите од Мировниот корпус. Возвудени сме што сме тука и што склучуваме познанства  кои поддржуваат раст во општеството и пријателства помеѓу различни култури. Фокусирани сме да живееме служејќи и многу среќни сме што сме тука“, изјави Флин Полард- волонтер на Американскиот мировен корпус.

„Волонтерите го претставуваат најдоброто од САД и со себе ќе го понесат најдоброто што Северна Македонија може да го понуди на светот“, изјави американската амбасадорка Кејт Мари Брнз на положувањето заклетва. Првиот човек на Американскиот Мировен корпус, Марк Ханафин истакна дека волонтерите се талентирани, посвтени, паметни луѓе подготвени да почнат со работа.

Од ’96-та година во земјава служеле над 800 волонтери на Американскиот Мировен корпус.

Ирина Гелевска