Шекеринска: Собранието на 11-ти декември да го донесе законот за одбрана
Ако се залагаме за членство во НАТО, неопходно е прво да се донесе Законот за одбрана, кој е на дневен ред во Собранието на 11-ти декември, вели министерката за одбрана Шекеринска. Ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да гласа за законот. Од опозициската партија со одговор- предлог текстот има недоследности...
Законот за одбрана е неопходно да се донесе, а за него треба да гласа и опозициската ВМРО- ДПМНЕ за да направи барем нешто за нашето членство во НАТО - рече министерката за одбрана Шекеринска. Според неа, без тој закон ќе биде неодговорно да се зборува за ратификација, а при тоа да не се завршува домашната задача.
Во ВМРО- ДПМНЕ велат дека во законот постојат делови кои воопшто не се однесуваат на процедурите на Армијата со НАТО стандардите. „Тие треба да бидат исфрлени и тоа Шекеринска го знае“- сметаат од опозициската партија.
И додека опозициската партија инсистира на предвремена ратификација на протоколот за членство во НАТО, власта не прифаќа, бидејќи велат, добиле уверување од шпанците дека тие ќе ја завршат својата работа во текот на јануари, пред да се распушти македонското Собрание.
Во меѓувреме, почнати се процедурите за именување амбасадор и воен претставник на земјава во НАТО Алијансата.
Миле Ристески
