Образование

Училиштен информатор: Нашата стаклена градина

10.12.2019 09:29

Во стаклената градина, се проучува влијанието на различни бои на светлина врз растот на растенијата, се одгледува свој, сопствен расад од семињата на растенијата во пластеникот, се одделуваат цврсти и течни материи, се испитува присуството на хлорофил, но, исто така се анализира растот на дивите јаготки засадени во вертикалните градини, донесени од Малешевијата при прошетка на училишната екскурзија...

Оваа учебна година во  училишниот  двор на ООУ “Вера Циривири – Трена” може да го забележите веќе постоечкиот пластеник, како и новата стаклена градина. Но, овие истражувачки објекти во 2013 година претставуваа само идеја.

Пред седум години, идејата за производство и одгледување растенија во училишниот двор се исполни. Со помош на USAID се изгради пластеник во кој учениците го надгледуваа процесот на раст и развој на растенија под одредени услови. Во 2015 година, со Креативен Центар Карпош и поддршка на Општина Карпош се обнови пластеникот и се оформи во пластеникшто може да се види и сега во училишниот  двор. Оттогаш учениците поактивно одгледуваат растенија од нашето подрачје – автохтони растенија следејќи го нивниот раст во текот на годината. Во секоја сезона се  садат краставици, домати, пиперки, зелка, брокула и карфиол и соодветно на крајот од сезоната се организираат берби, а  учениците имаат можност да ги вкусат зеленчуците што ги одгледувале.

Пред точно една година, идејата на  наставничката по Природни науки и Биологија Дивна Карапанчева беше дасе изградистакленик во кој ќе може да се одгледуваат растенија во текот на целата година не грижејќи се за временските услови и во кој ќе продолжи активна работа во градина која ќе ги исполнува условите за развој на автохтони и хибридни растенија.  Идејата прерасна во проект со кој се конкурираше на Предизвикот за млади истражувачи поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој. Проектот – стаклена градина – беше одобрен се започнасо активна изградба на градината.

Со почетокот на учебната година, се отворија вратите на стаклената градина. Во неа се одгледуваат различни видови  зеленчукови и овошни растенија, цвеќиња и зачински растенија. Се истражува нивниот раст и развој во различни услови со тие во пластеникот – се споредува растот на автохтони растенија од пластеникот со хибридни растенија во стаклената градина. Исто така, во стаклената градина се одржуваат работилници што соодветствуваат со наставните програми по предметите Биологија и Природни науки. Учениците со голем ентузијазам земаат учество во одржувањето на растенијата во градината, сепак сите би сакале да знаат како семињата прераснуваат во плодови. Во стаклената градина, се проучува влијанието на различни бои на светлина врз растот на растенијата, се одгледува свој, сопствен  расад од семињата на растенијата во пластеникот, се одделуваат цврсти и течни материи, се испитува присуството на хлорофил, но, истотака се  анализира растот на дивите јаготки засадени во вертикалните градини, донесени од Малешевијата при прошетка на училишната екскурзија. Во училиштен двор, како овој на  училиштето „Вера Циривири Трена“ , идејата прерасна во прекрасна стаклена градина во која се истражува,се  работи и се другарува. Сите заинтересирани се  поканети да ја посетатоваа стаклена градина и да учествуваат во претстојните работилници.

Радмила Гиевска