Илјадници амандмани за корекција на Изборниот законик
Илјадници амандмани се доставени за предлог- законските корекции на Изборниот законик поднесени од пратениците од помалите политички партии. Од СДСМ велат дека не е спорно и за овие избори да се направи една изборна единица. Од ВМРО-ДПМНЕ со став- не може да се носи нов Изборен законик два месеца пред избори. Според ДУИ, еднонастрана промена на правилата на игра пред избори е опасен преседан...

Речиси илјада од ВМРО-ДПМНЕ и пет илјади од ДУИ. Измените на Изборниот законик торпедирани од амандмани. Социјалдемократите остануваат на ставот дека една изборна единица може да има и на претстојните избори. Апелираат и до коалициските партнери и до опозиционерите да ги повлечат амандманите во интерес на демократскиот развој на земјава.
Според коалицискиот партнер на СДСМ, не може пред избори да се менуваат правилата на игра. За интегративците, потребен е консензус за ова.
Со измените, владејачката партија сака да си го испере образот пред помалите партии за ветеното во изборната програма, став на ВМРО-ДПМНЕ.
Измените на Изборниот законик се поднесени од 15 пратеници од помалите партии. Предвидуваат промена од шест во една изборна единица, отворени листи за локални избори, родова квота за правична застапеност на мажите и жените. Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска изненадена од поднесените амандмани.
Стотици амандмани се поднесени и на предлог- законот за Академија за судии и јавни обвинители, а се најавени и за Законот за јавнообвинителска служба, кој според најавите од СДСМ, ќе влезе во процедура идната недела.
Наташа Гркова- Петрушевска
