Соседи

БАН негира постоење македонски јазик

12.12.2019 15:40

Во Бугарската академија има членови што не се согласуваат со ставот дека македонскиот јазик не постои и оти тој е „писмено- регионална норма“ на бугарскиот јазик, вели претседателот на МАНУ Таки Фити. Според него, во оваа одлука е инволвирана политиката и вели тоа нема да ги наруши односите меѓу двете академии. Владата ќе реагира на оценката на Бугарската академија на науките дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, откако ќе ги согледа сите детали- вели премиерот Заев.

„Во одлуката на Бугарската академија на науките има политика, но тоа нема да ги наруши добрите меѓусебни односи“- првиот човек на МАНУ, Таки Фики по ставот на колегите од Бугарија оти македонскиот јазик е писмено- регионална форма на бугарскиот. Според него, во БАН има членови што не се согласуваат со ова тврдење.

„Излезе тој документ каков што излезе, но јас имам и други информации, дека баш сите академици на БАН не го поддржале тоа. Тука е инволвирана бугарската државна политика, што не е во ред. Поради тоа нема да ги расипеме односите“, рече претседателот на МАНУ, Таки Фити.

Бугарската академија реагираше откако МАНУ усвои Повелба за македонскиот јазик, а која според нив, е неточна и неприфатлива. „Државата има право на јазик и тоа не може да се оспорува, но не онака како што тоа го констатира МАНУ“ - вели заменик претседателот на БАН, Васил Николов.

„БАН од ’79-та година има јасна позиција – тој јазик е регионална норма на бугарскиот. Тоа е сосема возможно и нормално. И во Австрија се зборува австриски – германски јазик и нема дискусии за тоа. Треба да се задржиме на историската вистина и тоа е нешто на кое ние инсистираме“, изјави Николов.

Македонскиот премиер Зоран Заев вели, ќе ги согледаме сите информации и ќе реагираме соодветно. Според него, Бугарија не е на чисто со македонскиот јазик.

„Ќе реагираме поради тоа што тоа прашање е дел од прашањето за решавање на проблемите помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија во Договорот за добрососедство и пријателство. Првите чекори се направени. Верувам дека тоа мораме да го решиме. Јас не ја знам реакцијата, сега ја слушам од вас. Секако ќе реагираме и преку МНР. Бугарија сѐ уште не е на чисто со признавањето на нашиот македонски јазик. Тоа е прашање што остана да го решиме низ имплементацијата на договорот и јас верувам и уште еднаш апелирам, ако сме Европејци и ако се залагаме за европска демократија и за европските вредности и права, тоа прашање час поскоро да го надминеме“, изјави Заев.

Со изјавата на бугарските академици се негира постоењето на македонскиот јазик, литература, историја и култура, со тоа се врши негирање на македонскиот национален идентитет – реагира Институтот за македонска литература. Според Институтот, БАН наместо пријателство, активира политика на негирање.

 

Миле Ристески