Пендаровски: Беспредметно е да разговараме дали постои македонскиот јазик
Шефот на државата дециден, македонскиот јазик и македонската нација се факт, со децении наназад македонскиот јазик е лингвистички факт и тоа е утврдено и на меѓународно ниво...
Ставот на бугарските академици дека не пости македонскиот јазик е анахрон за 20-от и 21-от век во кој живееме, изјави претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање во врска со реакцијата на Бугарската академија на науките на Повелбата за македонскиот јазик на МАНУ.
Шефот на државата дециден, македонскиот јазик и македонската нација се факт, со децении наназад македонскиот јазик е лингвистички факт и тоа е утврдено и на меѓународно ниво.
„Македонскиот јазик и македонската нација се факт. Македонскиот јазик е лингвистички факт со децении и децении наназад и тоа е утврдено и на меѓународно ниво. Мислам дека е беспредметно да разговараме за нешто што е гол факт, ноторен факт што го знаат сите, не само кај нас и не само кај нив, го знаат во целиот свет“, изјави Пендаровски.
Тој потенцира дека и Преспанскиот договор се повикува на Конференцијата на ОН од ’79 година на која македонскиот јазик е нормиран како еден од јазиците во јужнословенската група и е меѓународно признаен.
„Да потсетам според Уставот на поранешна Југославија од 1974 година, таа држава имаше три официјални јазици. Еден од трите јазици беше и македонскиот јазик. Тоа значи дека кога тогашна Југославија беше членка на ОН и во личната карта како на секоја земја членка на ОН уште од 1974 година стоеше и македонскиот јазик. Значи тоа е апсолутно неспорна работа и јас навистина мислам дека би губеле време да се убедуваме дали нешто постои или не постои“, истакна Пендаровски.
БАН објави реакција на Повелбата за македонскиот јазик на МАНУ, во која вели дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик. Властите во земјава најавија реакција откако детално ќе ја разгледаат објавата на БАН.
