Реакции

Пендаровски: Беспредметно е да разговараме за нешто што е факт

13.12.2019 14:43

Беспредметно е да разговараме за нешто што е факт и во меѓународното право и според конвенцијата на Обединетите нации, ги коментираше бугарските дилеми околу постоењето на македонскиот јазик и нација, претседателот Пендаровски. Македонскиот е нормиран како еден од јазиците во јужнословенската група, и тоа според шефот на државата е вметнато и во Преспанскиот договор. Официјалниот став на Бугарија е Декларацијата на парламентот и поофицијален став нема од тоа, изјави денеска бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов...

Македонската нација и македонскиот јазик се факт, беспредметно е да разговараме за нешто што го знаеме ние, го знаат и тие и целиот свет. Вака претседателот Пендаровски одговори на ставот на Бугарската академија за која македонскиот јазик не постои и е дијалект на бугарскиот. Шефот на државата потсети дека во 1979-та година македонскиот јазик е меѓународно признаен, и околу тоа никој нормален во нашава земја нема да дебатира ниту да потпишува договори со кој било, вели Пендаровски.

„Македонскиот јазик е лингвистички факт со децении и децении наназад и тоа е утврдено и на меѓународно ниво. Мислам дека е беспредметно да разговараме за нешто што е гол факт, ноторен факт што го знаат сите, не само кај нас и не само кај нив, го знаат во целиот свет. Во Преспанскиот договор постои одредба која се повикува на Конференција на ОН од ’79 година на која македонскиот јазик е нормиран како еден од јазиците во јужнословенската група и е меѓународно признаен“, нагласува претседателот Пендаровски.

Бугарскиот амбасадор во земјава Ангелов не сакаше да го коментира ставот на БАН, само кусо одговори дека официјалниот став на Софија е декларацијата на Парламентот.

„Официјалниот став на Бугарија е декларацијата на Парламентот, поофицијален став од тоа нема“, изјави бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов.

Откако Македонската академија ја усвои Повелбата за македонскиот јазик, БАН излезе со одлука во која стои дека ставовите на МАНУ се неточни и неприфатливи. За БАН официјалниот јазик во Македонија е писмено регионална норма на бугарскиот јазик. Ваквата одлука ја разбранува македонската јавност. Преку МНР ќе биде упатена официјална реакција до Бугарија, најави вчера премиерот Заев.

 

Викторија Милевска