Собрание

За две недели доставени 123 предлог- закони

16.12.2019 14:29

За две недели во Собранието се доставени 123 предлог- закони, кои според ВМРО-ДПМНЕ се популистички, а целта е да се додворат на граѓаните пред изборите. Предлозите се заради усогласување со Законот за прекршоци. ВМРО-ДПМНЕ да престане да води штетни политики, одговорија Социјалдемократите...

За две недели во Собранието од Владата се пристигнати 123 предлог закони, се злоупотребува институцијата, а СДСМ газејќи ја демократијата и транспарентноста, се додворува на гласачите, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ. Како што рече координаторот на пратеничката група Мицевски, парламентарното мнозинство сака да ги протне на мала врата, без никакви консултации со стручната јавност и без јавни расправи. СДСМ додека беше во опозиција гласно реагираше, а сега стана рекордер во донесени закони по скратена постапка, велат од опозициската партија.

„Сакаме да потенцираме дека се работи за крајно популистички закони кои што не се во интерес на граѓаните, туку закони кои што треба да ја затскријат неспособноста на власта да си ги исполни ветувањата и преку овие закони сакаат да ги манипулираат граѓаните дека нешто работат“, изјави Никола Мицевски, ВМРО-ДПМНЕ.

Најголем дел од предлог-решенијата се поднесени поради усогласување со законот за прекршоци, односно за намалување на казните, одговорија од СДСМ. Апелираат до опозиционерите да не ги блокираат законите и како што рече Костадинов, да почнат да работат во интерес на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ води штетни политики, со што ги загрозува реформите во правосудството и евроинтеграциите, велат социјалдемократите.

„За нив е лудило да се покачи минимланата плата, да се донесе законот за стечајци, да се намалат казните. Треба да имаат предвид во ВМРО-ДПМНЕ дека ова нивно лудило, на штета на граѓаните и нивните интереси, граѓаните ќе го ценат на 12 април“, изјави Костадин Костадинов, СДСМ.

Власта и опозицијата и натаму на спротивставени позиции за измените на изборниот законик. ВМРО-ДПМНЕ не ги повлекува амандманите. На иста линија се и интегративците кои поднесоа околу 5 илјади амандмани. СДСМ и помалите партии остануваат на ставот дека Македонија треба да биде една изборна единица.

  

Милчо Велески