УНДП

Извештај за човековиот развој 2019: Северна Македонија на 82 место

17.12.2019 13:32

Северна Македонија е на 82 место во извештајот на УНДП за човековиот развој во 2019-та, влегувајќи во групата на земји со висок човечки развој, но зад речиси сите земји од регионот, заедно со Алжир и Перу. Во земјава расте средната класа на 55,7 проценти од населението,бидејќи во последнава декада политичарите беа фокусирани на развој на посиромашните, како што е зголемувањето на социјалната помош, на пензиите, на минималната плата и земјоделските субвенции...

Северна Македонија е на 82-то место во најновиот извештај на УНДП за човековиот развој во 2019-та. Нееднаквоста во приходите, можностите за образование, здравство, вработување, пристапот кон правосудството и родовата нееднаквост, ја ставија земјава зад речиси сите држави во регионот. Ова е извештај што треба да нѐ отрезни, вели претседателот Пендаровски, оценувајќи дека иако земјава бележи најбрз раст на човековиот развој во последниве 20 години, сепак заостанува во многу области на живеењето што ги тера младите да ја напуштат државата.

„Генералната слика која ја видовме не е сјајна. Постојат неколку области во кои сме понапред од другите во регионот, меѓутоа постојат многу повеќе категории во кои сме на самото дно на Европа. Станува збор за извештај кој е отрезнувачки за многумина кои во моментов се на различни одговорни позиции, мора да биде земен в предвид со максимална сериозност и да се постапува по него“, изјави претседателот Пендаровски.

Нееднаквоста во земјава треба да се подобри, за да нема негативно влијание врз идните генерации, препорачуваат од Програмата за развој на Обединетите нации.

„Северна Македонија не е позиционирана високо во извештајот, иако може да биде. Земјата брзо го наминува јазот во однос на регионот. Споредено со соседите, има побрз раст во приходите и образованието. Тоа е добра комбинација ако овој тренд продолжи. Треба да се инвестира во квалитетот, не само да се даваат дипломи, туку да се создаваат луѓе со вештини, не да се градат само болници, туку луѓето да живеат подолго и поздраво“, изјави Бен Слеј, УНДП за Европа и Евроазија.

Човековиот развој зависи и од околината за живеење, а земјава се наоѓа на последно место и по аерозагадувањето. Поради ова, шефот на државата најави дека за првпат Националниот совет за безбедност идната недела ќе расправа како да се изгради надпартиска државна стратегија за решавање на овој проблем.

 

Ирина Гелевска