Ременски даде исказ пред Рускоска, очекува да биде повлечено обвинението
Откако два дена вршеше увид во доказите, потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски, даде исказ пред обвинителката Рускоска за случајот „Рекет 2“. Очекува да биде повлечено обвинението против неа. Во петок треба да дадат исказ Бојан Јовановски и неговиот татко. Обвинителката Рускоска најави дека за вториот дел од „Рекет“ ќе биде поднесено обвинение во почетокот на јануари...
Фросина Ременски очекува Јавното обвинителство да ја запре постапката против неа во случајот „Рекет 2“, како дел од раководството на „Меѓународен сојуз“ на Боки 13. Ова го изјави откако даде исказ пред обвинителката Рускоска. Како што рече, ги расчистиле дилемите на Обвинителството и дека добила решение дека истрагата за неа е завршена.
Ременски се сомнева дека била направена параполициска хајка против неа. Посочува дека случаите станале актуелни во време кога таа како член на Комисијата за контрола и надзор на работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање почнала да поставува незгодни прашања и да покренува кривични пријави за луѓе од полицијата, за кои, како што рече, требало да преземат службени дејствија. Потпретседателката на Собранието вели дека со ова и бил нарушен угледот и авторитетот.
Во „Рекет 2“, покрај Ременски осомничени се и Бојан Јовановски, неговиот татко и неговата асистентката Христина Блажевска, како и Јасна Мандиќ, потпретседателката на Меѓународниот сојуз.
Се однесува на измами со изградба на центри за возрасни лица, за кои беа барани пари од бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски. Во петок исказ во Обвинителството треба да дадат и Бојан Јовановски и неговиот татко.
Рускоска најави дека обвинение за „Рекет 2“ ќе биде покренато во јануари.
Наташа Гркова- Петрушевска
