Прилеп: Се приготвуваат посните сарми за „Свети Никола“
Прилеп се подготвува, по 14-ти пат организирано да го прослави светецот заштитник на градот - Свети Никола. Прилепчанки приготвија 70-ина илјади мали посни сарми кои се во Гинисовата книга на рекорди. В четврток посната трперза и добрата мисла ќе им бидат понудени на прилепчани и на гостите на градскиот плоштад...
Педесет и пет прилепчанки од четири здруженија ги приготвија надалеку познатите мали посни сарми за организираната прослава, по 14-ти пат, на градскиот патрон - Свети Никола. Тоа е голема традиција која останува да се негува, велат и возрасните и младите што два дена ги виткаа сармите.
Свиткани се околу 70.000 посни сарми, набавени се речиси 300 килограми риба, 100- ина килограми маслинки три до четири илјади порции грав и сѐ што треба посната трпеза да биде со благослов и понудена на прилепчани и на гостите во центарот на градот на празникот. Прославата на најпознатата прилепска куќна слава и како градска, е чест за домаќините и ги буди заедништвото и духовноста.
Прославата на Свети Никола ќе почне со литургија в четврток, а во центарот на Прилеп е заедничката посна трпеза.
Елизабета Митреска
