Премиерот Заев во Чешка, поддршка за интеграциите
Останува поддршката на официјална Прага за евринтеграциите на земјава. Премиерот Зоран Заев со владина делегација во посета на Чешка. Во разговорите со неговиот домаќин, заклучиле дека е потребно интензивирање на економската соработка и зајакнување на трговската размена...
Целосна поддршка за нашето членство во Европската унија и во НАТО, заложба за интензивирање на економските и на трговските односи. Ова е епилогот по средбата меѓу македонскиот и чешкиот премиер, Заев и Бабиш во Прага.
Двајцата шефови на влади оценија дека по 25 години од воспоставувањето дипломатски односи, Северна Македонија и Чешката Република продолжуваат интензивно да соработуваат и на билатерален и на мултилатерален план, а политичкиот дијалог се одвива на највисоко ниво. Заев посочи оти Чешка беше еден од иницијаторите за писмото кое беше испратено до Брисел за подобрување на ефикасноста на пристапниот процес.
Заев информираше дека полека се финализира договорот со компанијата „Локотранс“ за инвестиција во железницата од 20 милиони евра, како мотив и за други фирми од Чешка да го следат примерот и да вложат кај нас. Освен за економија и интеграции, на средбата меѓу двете страни разговарано и за миграцијата и за одбраната. Бабиш во јуни беше во земјава, кога ги посети чешките полицајци на јужната граница.
Мартин Пушевски
