Инвертер клими во детската градинка „Пчелка 2“ во Аеродром
Градинката од затоплување со нафта преминува на инвертер-клими, донација од Министерството за животна средина и просторно планирање, а со новиот начин на загревање се очекува покрај намалување на трошоците да се придонесе и за заштита на животната средина.

Објектот „Пчелка 2“ во рамките на детската градинка „Буба Мара“ од затоплување со нафта преминува на инвертер-клими, донација од Министерството за животна средина и просторно планирање, а со новиот начин на загревање се очекува покрај намалување на трошоците да се придонесе и за заштита на животната средина.
„Со ова Општина Аеродром ќе штеди пари. Досега во текот на зимскиот период се трошат околу 14 тони нафта, тоа е некаде околу 12,5 илјади – 13 илјади евра. Сега со помош на имплементацијата на планот за чист воздух сметките ќе бидат четири пати поефтини“, изјави заменик-министерот Макрадули.
Повеќето објекти на основните училишта и детските градинки на територијата на Општина Аеродром се затоплуваат преку централното градско греење. Минатата година подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче од загревање со нафта, премина на загревање со пелети.
„Општина Аеродром континуирано работи на обезбедување нови еколошки начини на загревање во детските градинки и училиштата“, изјави градоначалникот Златко Марин.
Остануваат уште два објекта кои во текот на следната година од нафта ќе преминат на нов начин на затоплување, со што во општина Аеродром нема да постои јавна установа што се загрева на нееколошки начин.Општина Аеродром има издвоено околу 25 милиони денари од буџетот за заштита на животната средина.Во сите објекти на детските градинки се поставени прочистувачи на воздух, информираат од општината.
Анита Никушева - Јованчев
