Меѓународна археолошка конференција „Неолитот во Македонија“
Презентација на најновите сознанија поврзани со неолитското културно наследство во Македонија...

На 20-ти и 21-ви декември во Скопје, ќе се одржи конференцијата „Неолитот во Македонија“, којашто Центарот за истражување на предисторијата ја иницираше пред пет години. Ова јубилејно петто издание, поради зголемениот интерес на еминентни имиња од областа на археологијата, за првпат ќе трае два дена, и ќе се одржи во Археолошкиот музеј на Р.С. Македонија.
Реализацијата на конференцијата ќе се одвива во чест на археологот Драгица Симоска, којашто за жал почина пред неколку месеци.
Своето учество на оваа петта по ред конференција за неолитското културно наследсрво, го најавија триесетина археолози од Македонија, Србија, Албанија, Бугарија и Шпанија. На конференцијата ќе бидат презентирани, најновите сознанија поврзани со неолитското културно наследство во Македонија и околните земји, но воедно ќе се дискутира и за научните проблеми коишто се однесуваат на бројни отворени прашања во рамки на предисториската археологија.
На конференцијата исто така ќе бидат презентирани и тековните резултати од истражувањата на неолитските локалитети во полошкиот, струмичкиот, охридскиот, велешкиот, скопскиот, овчеполскиот, кривопаланечкиот, струмичкиот, струмскиот, тракискиот, софискиот, кочанскиот, виничкиот, мариовскиот и во пелагонискиот регион. Ќе бидат презентирани и резултатите од кабинетските, теренските и теориските проучувања, а ќе бидат промовирани и новите методи што се применуваат при истражувањето на неолитските населби во Македонија и Балканот, како што се: просторните, геомагнетните, етноархеолошките, археоботаничките, фотограметриските и зооархеолошките анализи, но и тековните пристапи во толкувањето на металот, хронологијата, архитектурата, стелите, садовите и ритуалите.
Во рамки на конференцијата ќе биде промовирано и најновото издание на Центарот за истражување на предисторијата, односно зборникот на трудови „Неолитот во Македонија: во чест на Воислав Санев“.
Во сабота на 21.12.2018, во рамки на конференцијата во 09:30, свое предавање ќе одржи д-р Милош Спасиќ од Музеј на град Белград, еден од најистакнатите млади српски предисторичари, на тема: „Доцнонеолитската винчанска култура во Централен Балкан: заедници што создадоа големи наративи“.
Конференцијата е резултат на соработката меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, а истата финансиски е поддржана од Министерството за култура.
