Тутун: Откупени над 60% од производството, добриот квалитет ја зголеми цената

24.12.2019 09:53

Добриот квалитет на тутунот ја зголеми откупната цена. Досега се откупени повеќе од 60 проценти од производството, а поголемиот дел е проценет со прва и со втора класа. Тутунарите се задоволни и нема многу забелешки за неправилности. Според експертите се очекува сезоната за превземање на родот да заврши многу порано од предвидениот рок кој е во јануари 2020 година.

Од планираните 26.000 тони по неполн месец се откупени повеќе од 60 проценти, односно 16 000 тони тутун. Просечната цена според државниот инспекторат за земјоделство секојдневно се менува, но е повисока од ланската.

Деветте монополи откупуваат непречено и исплаќаат во предвиденте рокови, па дури и порано.

Забелешки од страна на тутунарите или неправилности во текот на откупот скоро и да нема. Годинашнава реколта на тутун е со висок квалитет и главно се проценува со прва и со втора класа, велат и тутунопроизводителите.

Годинава биле засадени 13.300 хектари со тутун и се склучени 32.800 договори. Вкупното производство се проценува на 26.000 тони, што е за 6 отсто повеќе од лани.

Квалитетот е добар и се очекува и повисока откупна цена од 250 наместо ланската просечна од 217 денари за килограм иако според дел од тутунарите сушата ќе го намали родот.

 

Методија Трајков