19 милиони евра за набавка на механизација за РЕК Битола
Електрани на Македонија ќе инвестира 19 милиони евра во набавка на помошна механизација за РЕК Битола за ископ на јаглен. Според надлежните, тендерот за купување помошна механизација ќе се плаќа со дел од остварената добивка која годинава изнесувала околу 90 милиони евра...
19 милиони евра ЕСМ ќе ги инвестира во нова механизација во комбинатот РЕК Битола. Оттаму велат дека објавениот тендер ќе овозможи ископот на јаглен да се врши со сопствена опрема. Според раководството, одлуката следува по направената пресметка дека во последните 10 години за ангажирање на надворешни фирми, РЕК Битола платила речеиси 100 милиони евра.
„Со оваа набавка која денес е објавена, планираме да набавиме вкупно 47 парчиња од механизацијата. Оваа инвестиција од 19 милиони евра сопствени средства на ЕСМ е прва фаза од прецесот на оспособување на комбинатот РЕК Битола за целосно самостоен ископ на јаглен“, изјави директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Ковачевски најави дека идната година, ЕСМ ќе објави оглас и за набавка на циклична механизација за потребите на рудникот Брод - Гнеотино, во вредност од 26 милиони евра. Според новиот Закон за јавни набавки, критериумот за добивање на тендерот не е само пониската цена, туку и квалитетот.
Според Ковачевски, годинaшното производство на електрична енергија било натфрлено за 13 проценти.
Дијана Ценевска
