Мапирани операторите и инсталациите што работат со опасни супстанции

26.12.2019 11:39

Градот Скопје го изработи Надворешниот план за заштита од хаварии со присуство на опасни супстанции во кои се набележани сите оператори или инсталации кои работат со токсични и лесно запаливи материи.

По неодамнешните хаварии со опасни хемиски супстанци во Скопје се наметна потребата од поголема одговорност и на субјектите кои работата со опасни хемикалии , но и на градската управа.

Градот Скопје го изработи Надворешниот план за заштита од хаварии со присуство на опасни супстанции во кои се набележани сите оператори или инсталации кои работат со токсични и лесно запаливи материи.

Согласно член 154 од законот за животна средина сите што работат со ова се обврзани да направат внатрешни планови во кои ќе се содржат податоци за видот и количеството на опасните материи и тие планови да ги достават до Град Скопје, за да може да се преземат соодветни заштитни мерки при евентуални хаварии или инциденти.

Мора да содржат прецизни информации дали материите се лесно запаливи, каква концентрација и јачина имаат, како се складираат. Треба да биде наведено какви потенцијални ризици има од опасните хемиски супстанции и какви штетни дејства може да предизвикаат.

Сите оператори во внатрешните планови треба да наведат како ракуваат со нив и дали претходно се случиле хаварии и дали согласно со тоа презеле дополнителни мерки и кои. Врз основа на тие податоци градот веднаш може да лоцира кои се со што работата како најбрзо да се спречи и како да се заштити околината и граѓаните од потенцијалната или реална опасност од токсични материи.

Така, надлежните ќе може побрзо да реагираат доколку се случи несакано дејство. Претстваниците на Град Скопје задолжени за оваа проблематика треба да посетуваат обуки и тренинзи кои се спроведуват во инсталациите со опасни хемикалии.

Една од најважните поенти на ваква организираност е да се дадат насоки како да се спречи хаварија, но исто така и како да се намалат последиците, да се информираат луѓето во најблиската околина како да постапат и како да се заштитат, дали треба да се направи евакуација на населението и во кој опсег.

Надворешниот план за заштита од хаварии во присуство на опасни супстанции е направен од стручњаци од „Еко мозаик“.

Соња Стојановска