Собрание

Џафери: Додека не се формира техничка влада, изборите може да се одлагаат

26.12.2019 12:45

Сѐ додека не се формира техничка влада, изборите може да се одлагаат , потоа нема простор ниту теоретски, ниту законски- вели претседателот на Собранието. Џафери планира да свика седница на 3- ти јануари за нова техничка влада, но нема најави дали премиерот дотогаш ќе ја депонира оставката. Вели, власта и опозицијата се договориле да се одблокира носењето на некои од законите...

Новата техничка влада треба да биде избрана најдоцна до 3-ти јануари на полноќ. Собранискиот спикер Џафери ги објаснува процедурите- шефот на Владата, Заев треба да си поднесе оставка, да биде избран нов технички премиер, министри и дополнителни заменици- министри.

Претседателот на Законодавниот дом укажува дека ако премиерот не си поднесе оставка, тогаш изборите ќе се одложат. Според Пржинскиот договор, гласањето се спроведува 100 дена по формирањето на техничката влада.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе добие министри во ресорите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменици- министри во финансии, земјоделие, информатичко општество и администрација.

Џафери вели дека власта и опозицијата постигнале договор да не се блокираат законите од областа на здравството, финансиите и социјалната политика, кои се треба да се применуваат од 1-ви јануари. Се очекува тие в петок да бидат изгласани.

Договор не е постигнат само за Законот за одбрана.

 

Игор Панов