Путин: Две децении на власт
Рускиот претседател Владимир Путин одбележува две децении на власт. Може да се пофали со своите достигнувања, но останува воздржан во однос на својата политичка иднина што поттикнува многу шпекулации за неговите намери...

Рускиот лидер ги посочува заживувањето на глобалниот придонес на Русија, индустриска модернизација, просперитетот на земјоделскиот извоз и воената област како клучни резултати од неговиот мандат што почна на 31-ви декември 1999-та година. На тој ден, првиот претседател на Русија, Борис Јелцин, се повлече од функцијата и го именуваше поранешниот офицер на КГБ за негов наследник, отворајќи го патот за негов избор три месеци подоцна.
Критичарите го обвинуваат Путин дека ги вратил постсоветските слободи на нацијата за да воспостави контрола врз политичката сцена, да ја маргинализира опозицијата и да ги задуши критички настроените медиуми.
„Русија под власт на Путин не е глобален играч, туку глобален уништувач. Тој уништува сѐ околу него“, изјави Андреј Колешников, истражувач во московскиот центар „Карнеги“.
Го сметаат за одговорен за тензиите со западот по русиката анексија на Крим во 2014-та година.
Набудувачите на Кремљ се обидоа да прогнозираат што ќе се случи по крајот на неговиот шестгодишен мандат во 2024-та година. Посочуваат на различни опции, но се согласуваат во едно нешто. Путин, лидерот со најдолг стаж во Русија од советскиот диктатор Сталин, најверојатно ќе остане на чело.
Претходно месецов, Путин навести можни уставни измени за повторно дистрибуирање на овластувањата меѓу претседателот, кабинетот и Парламентот, што би можело да значи дека има намера да продолжи да ја води земјата како премиер.
„Она што може да се стори во врска со овие претседателски термини е откажување од клаузулата „последователно“. Во Уставот имаме два последователни мандата. Клаузулата може да биде откажана“, изјави Путин.
И покрај тоа што пропагандниот ефект од анексијата на Крим се истроши во услови на застој на животниот стандард, пораст на возраста за пензионирање и други домашни предизвици популарноста на Путин не се намалува.
Марина Ристова
