Хрватска ќе поддржува проширување на ЕУ
Новиот еврокомесар за соседство и проширување, Оливер Вархељи на 15-ти јануари доаѓа во прва посета на земјава. Ќе има средби со државниот врв. Се очекува новата методологија предложена од Франција и текот на реформите да бидат во фокусот на разговорите. Европската комисија ќе објави и мини извештај за земјава и за Албанија во февруари. Хравсткиот премиер чија земја е претседатевач со ЕУ порача- проширувањето со земјите од Западен Балкан останува високо на агендата...
Хрватска не сака да се повтори исходот од Европскиот совет минатиот октомври, кога земјите- членки не успееја да донесат одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија. Каков став ќе има новата Европска комисија во однос на почеток на преговори, ќе соопшти еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи при неговата скорешна посета на земјава. Во меѓувреме, хрватскиот премиер во улога на актуелен претседавач со ЕУ, од Загреб порача дека проширувањето со земјите од Западниот Балкан останува високо на агендата на хрватското претседателство со Унијата. Затоа Загреб во мај ќе биде домаќин на Самит меѓу шефовите на држави и влади на членки на ЕУ и на земјите од Западниот Балкан.
„Хрватска смета дека како една од земјите од овој дел од Европа имаме одговорност да ги промовираме и поддржуваме нашите соседни држави да продолжат на патот на реформите и приближувањето кон Европската унија. Ова е јасна политичка волја што е основа на оваа иницијатива“, изјави премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ.
Во консултациите што актуелниот претседавач со ЕУ ги имал со францускиот претседател Макрон кој имаше најмногу забелешки на октомврискиот Европски совет, хрватскиот премиер појасни дека и Париз се согласува дека нема алтернатива на полноправното членство на земјава во ЕУ, но дека инсистира пред почетокот на преговорите да биде усвоена нова методологија за преговарачкиот процес.
Според Пленковиќ, метологијата треба да биде помалку бирократска и ќе содржи нов принцип на враќање на преговорите на поглавјето што веќе било затворено, ако земјата кандидат не ги исполни бараните критериуми. Загреб се надева дека новата методологија може да биде усвоена до март оваа година.
Ирина Гелевска
