Тутунопроизводство

Откупот на тутунот тече непречено, ќе се преземе родот

14.01.2020 13:15

Нема да има проблем со откупот на тутунот. Ќе се преземе договорениот род со дополнителните 10 насто. Проценката на вагите ќе биде реална како што започна, тврдат од сојузот на земјоделските здруженија по средбата што ја имале со откупувачите и инспекторатот. Будно ќе се следи сѐ, за тутунарите да не бидат оштетени...

Откупувачите ќе го преземат договорениот род на тутунот во земјава плус 10 насто од родот, што е законски, и ќе оценуваат реално како што започнаа, велат од Сојузот на земјоделските здруженија кои одржале средба со откупувачите и со инспекторатот во Министерството за земјоделство.

Сојузот ги повика тутунарите да го носат сиот произведен тутун за откуп, поверениците будно да ја следат процената и доколку има проблем и нереално ценење, да го запрат откупот, да го повикаат Сојузот, а потоа и инспекторатот за ниту еден тутунар да не биде оштетен. Откупувачите уверуваат дека имаат да ги платат и дополнителните 10 насто тутун. Откупот тече во Долненско, во источниот дел од земјава е при крај и, главно, се купува во Пелагониско.

Најголемиот проблем, разликата на цените помеѓу класите, Сојузот ќе го решава со компаниите по откупот.

Според Државниот земјоделски инспекторат во земјава се откупени 80 насто од договорените 26.000 тони по просечна цена од 222,5 денари за килограм тутун. Според динамиката, родот ќе се откупи за 15-ина дена.

 

Елизабета Митреска