Економија

Сметководителите на удар од отсуство на комуникација во државните институции

15.01.2020 13:41

Сметководителите наведуваат дека постои отсуство на комуникација меѓу државните институции и приватниот сектор...

Со подигнување на прагот на ослободување на пратки од 45 на 90 евра се поттикнува сивата екномија- велат од Комората на сметководители. Посочуваат дека може да се врши препродажба на продукти кои влегуваат во нашата земја за многу пониски цени од оние на домашните производители. Се жалат и на брзата промена на легислативата. Сметководителите наведуваат дека постои отсуство на комуникација меѓу државните институции и приватниот сектор.

„Ваквите новитети треба да се донесуваат после спроведување на детална анализа со вклученост на стопанството, бидејќи ефектите на овој начин може да бидат во поголем дел негативни, како на пример намалување на  приливот на буџетот од даноци и други јавни давачки, поттикнување  на одливањето на девизи надвор од нашава земја што дефинитивно е на штета на целата држава, а во прилог на развој на сивата економија“, изјави Беким Есати, член на Управен Одбор на Комора на сметководители.

Благоја Грозданов, член на Управен Одбор на Комора на сметководители истакна дека сметководителите години наназад се на удар од отсуство на комуникација меѓу државните институции и меѓу државните институции и приватниот сектор.  Новина е тоа што во екот на изготвување на завршните сметки најважната активност во процесот на сметководствено работење, објавен е нов даночен биланс ДБ образец, што значи нов товар за сметководителите кои нема да имаат време  за адаптација на промените, а уште поважно отвара простор за грешки кај даночните обврзници кои може многу да ги чинат.