САД со закана до Европа поради Нуклеарниот договор
„Иран е заинтересиран за дипломатија, а не за преговори со САД“, порача шефот на иранската дипломатија Зариф. Вашингтон со закани до Брисел за воведување на тарифи доколку не го осуди однесувањето на Техеран кој и натаму не ги почитува обврските. Претседателот Рохани тврди- сега збогатуваме повеќе ураниум отколку пред потпишувањето на договорот...

Вашингтон бара официјална осуда од Британија, Франција и Германија за Иран поради непочитувањето на Нуклеарниот договор од 2015 година. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп се закани и со тарифи за европските увозни возила. Неговиот ирански колега Хасан Рохани потврди дека земјата сега збогатувала повеќе ураниум отколку пред потпишувањето на Пактот и покрај сè поголемиот притисокот од Западот. Упати закана до Европа откако трите европски потписнички на Пактот го активираа механизмот за решавање спорови поврзани со Спогодбата, што може да резултира со официјална тужба против Техеран. Шефот на иранската дипломатија порача дека постојниот пакт не е мртов, но веројатноста за траен нов договор е минимална.
„САД не ги исполнија обврските. Тие се повлекоа. Имав договор со САД, и тие го прекршија. Ако имам спогодба со Трамп, колку би траела таа?“- изјави Мохамад Џавад Зариф, министер за надворешни работи на Иран.
Британскиот премиер Борис Џонсон го поддржува предлогот за нов договор кој ќе гарантира дека Техеран нема да набави атомско оружје.
„Проблемот со договорот е што од американска перспектива не е добар, и беше склучен од претседателот Обама. Од нивен апсект, тој има многу недостатоци. Ако го отфрламе, ајде да го замениме со договор од Трамп“, изјави Џонсон.
Европската Комисија порача дека нема да замине од Ирак ни да ги намали мисииите и покрај предупредувањата од иранскиот претседател Рохани упатени до европските војници на Блискиот Исток.
„Нашите цивилни и дипломатски мисии се важни за напредокот на релациите меѓу ЕУ и Ирак. Нашата заложба да им помогнеме на ирачкиот народ и земјата продолжува и работиме на унапредување на сето ова на билатерлано ниво“, рече Петер Стано, портпарол на Европската комисија.
Тензиите со Западот дополнително се зголемија по признавањето на Техеран за соборувањето на украинскиот патнички авион. На несреќата во која немаше преживеани ѝ претходеше серија одмазднички пресметки на ирачка територија во која беше усмртен и вториот највлијателен човек во Иран, генерал Солејмани.
Маја С. Филдишев
