Иран

По осум години Хамнеи ја предводеше молитвата во Техеран

17.01.2020 13:07

Врховниот лидер на Иран по осум години предводеше молитва во Техеран. Ова не се поврзува со политичката ситуација во земјата. Ајатолахот Хамнеи повика на единство во земјата. Вашингтон призна дека најмалку 11 американски војници се ранети во иранскиот ракетен напад врз двете американски бази во Ирак...

За првпат по осум години, ајатолахот Али Хамнеи ја предводеше петочната молитва во Техеран. Иранскиот врховен лидер изјави дека трпеливоста и благодарноста на нацијата ќе кулминираат со победа. Хамнеи посочи дека се подготвени за преговори со западот, но не и со Соединетите Американски Држави. Предупреди дека доколку САД ги нападнат поради Нуклеарната програма, тие ќе бидат оштетени десетпати повеќе.

„Западните земји се премногу слаби за да можат да ги фрлат на колена иранците. Техеран е подготвен да преговара со западот, но не и со САД“, изјави Хамнеи.

Американскиот претседател Трамп го нарече „кловн“ кој се преправа дека го поддржува иранскиот народ, но оти ќе му забие нож в грб и додаде дека САД кукавички го убиле најефикасниот борец против Исламската држава.

Иран се соочува со антивладини протести, кои почнаа откако војската призна дека ненамерно го соборила украинскиот патнички авион. Властите се под притисок од демонстрантите и поради забавувањето на економијата, предизвикано од американските економски санкции. Претходно, претседателот Рохани побара целосно да се расветли како дојде до трагедијата во која загинаа сите 176 патници и членови на екипажот.

Во меѓувреме, Пентагон потврди дека единаесет американски војници биле повредени за време на иранскиот напад врз базата Ал Асад во Ирак, иако Вашингтон претходно тврдеше дека е предизвикана материјална штета. Нападот беше одмазда поради убиството на иранскиот генерал Касeм Сoлејмани.

Марина Ристова