Случај „Рекет“: Недоличните зборови на Јанева го засенија сведочењето на Стефанова
Во Кривичниот суд продолжи рочиштето за предметот „Рекет“. Обвинителката Лиле Стефанова сведочеше дека поранешната специјална обвинителка Катица Јанева ја принудувала да го затвори предметот „Империја“ против Орце Камчев. Поради навредите кон Стефанова и недоличното однесување, судијата ја отстрани Јанева од судницата...
Недоличните зборови на Јанева упатени кон Стефанова го засенија тричасовното сведочење на специјалната обвинителка. Поради вулгарниот чин, судијата ја отстрани од судница екс- шефицата на СЈО, сега обвинета во случајот „Рекет“. Вознемирена поради тоа Јанева излегувајќи им довикна на новинарите: „Зашто ѝ го возев мачето затоа не сум добра“.
Претходно во судницата одговорајќи на вкрстени и директни прашања и на обвинителството и на одбраната како нивни клучен сведок, Стефанова кажа дека Јанева никогаш до 16-ти април 2019-та не им се мешале ниту им влијаела во работата и не само нејзе, туку никому. Но, пресвртот бил кога Јанева тој ден на состанок нејзе и на колегата Рустеми им наложила да пресметаат колкава штета е направена со „Империја“ и „Поштенска банка“ и случајот да се затвори, а побарала на Камчев, на Мијалков и другите притворени притворот да им се преиначи во куќен притвор.
Стефанова посочи дека цело време Камчев испраќал емисари, политичари, судии, меѓу кои и судијката Кацарска за да најде начин да се ослободи. Дури и самиот неа лично и покажал писмо во кое пишувало дека Наташа Савова ќе барала за него и за Мијалков ослободување.
Камчев не можеше да си поверува, рече Стефанова, дека постои обвинител кому не му е грижа за економската или општествена моќ на обвинетиот. Камчев се обидувал да заташка и во времето на истрага. Кога влеговме во „Орка“ таму беа Михајло и Филимена Маневски, а се беше чисто и средено. Кога отидовме да правиме претрес кај него дома, Камчев беше подготвен, неговата сопруга и Зоран Кичеец, а беше 6 часот наутро, тие знаеа дека ќе дојдеме. Подоцна разбравме дека Мијалков ги предупредувал, додаде Стефанова. Ова многу им наштети на обвинителите и ги разочара правдољубивите, посочи по сведочењето обвинителката Стефанова.
Одбраната на Јанева беше задоволна од сведочењето на Стефанова, кое покажало дека Јанева не влијаела на одлуките за „Империја“. Но, отфрли политичка поврзаност на нејзините одлуки со донесувањето на Уставот и Законот за јавно обвинителство, за кое говореше Стефанова.
Следен во „Рекет“ ќе сведочи Бурим Рустеми, специјалниот обвинител кој го водеше, меѓу другите, предметот за „Поштенска банка“.
Фиљана Кока
