Задоцни контролата на Коронавирусот
Од денеска напладне почна скенирањето со термална камера на патниците на летовите од Истанбул и од Дубаи кои имаат поврзани летови со Кина, каде што е жариштето на Коронавирусот. Ова е превентивната мерка и нема простор за паника, велат од Комисијата за заразни болести...
Задоцни контролата за коронавирусот во земјава. Здравствените власти и институции не успеаа да се координираат. Медицинските тимови на Скопскиот аеродром пристигнаа речиси во исто време кога слета авионот од Дубаи. Овие прегледи ги испуштија и патниците кои пристигнаа со утринските летови од Истанбул.
Иако здравственаите власти го вклучија алармот за заштита од смртоносниот Коронавирус, дел од патниците кои слетаа на Скопскиот аеродром со авионот од Дубаи не ги минаа контролните прегледи на термалните камери.
Задолжителни прегледи со термална камера на сите патниците кои летаат од Истанбул и Дубаи е една од превентивните мерки од надлежните, бидејќи овие градови имаат директна конекција со Кина, каде што е жариштето на Коронавирусот.
„Во моментот ако се регистрира пациент кој што има покачена телесна температура се контролира температурата уште еднаш, се зема епидемиолошка анкета на пациентот и се носи во собата за изолација додека се добијат поконкретни податоци. Доколку имаме сомневање за Коронавирус се повикува амбулантно возило и се носи на Клиниката за инфективни болести“, изјави д-р Марија Гочевска, Центар за јавно здравје.
Дел од патниците кои ги анкетиравме, поради појавата на Коронавирусот стравуваат да патуваат.
„Нормално дека се плашам, не би бил здрав ако не се плашам, тоа е една опасна болест Коронавирусот.“
„Сега не спречува, кога не беше Коронавирусот патувавме.“
„Од Норвешка доаѓам, нема многу контроли по аеродромите.“
„Од Норвешка, од Осло доаѓам, нема контрола против вирусот, страв ни е“- велат патниците кои ги анкетиравме.
Од Министерството за надворешни работи соопштуваат дека околу стотина македонски државјани престојуваат во Кина. Во амбасадата во Пекинг засега никој од нив не пријавил дека е заболен со Коронавирусот.
Андријана Атанасовска
