Обвинителот Бурим Рустеми ќе сведочи за „Рекет“
Рустеми е трет обвинител од поранешното Специјално јавно обвинителство што се соочува со обвинетата Катица Јанева...

Во Кривичниот суд Скопје денеска треба да се одржи ново рочиште за случајот „Рекет“ на кое треба да сведочи обвинителот Бурим Рустеми. Рустеми е трет обвинител од поранешното Специјално јавно обвинителство што се соочува со обвинетата Катица Јанева.
Досега како сведоци исказ дадоа заменичката на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, Елизабета Јосифовска, Лиле Стефанова, бизнисменот Орце Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинарот Христијан Баневски од телевизија 1ТВ и други.
Стефанова вчера сведочеше дека обвинетата Катица Јанева од нејзе барала да се даде позитивно мислење за одредување поблаги мерки за осомничените во предметот „Империја“. Стефанова рече дека осомничените во предметот „Империја“, скоро секогаш успевале да дознаат што СЈО презема против нив. Посочи дека со Јанева, имало негодување при нејзиното барање да се прифатат поблаги мерки за Јордан Камчев, Сашо Мијалков и другите притворени лица во случајот.
