Случај „Рекет“

Рустеми: Јанева се смени по одлуката на Врховен

28.01.2020 13:04

Во „Рекет“ сведочеше обвинителот Бурим Рустеми. Рече дека после начелното правно мислење од Врховниот суд, бил предизвикан хаос со предметите на СЈО. За Рустеми ниту одбраната на Јовановски, ниту на Јанева немаа прашања...

После начелното правно мислење од Врховниот суд, кое според брзината и начинот на донесување наликувало на амнестијата на Иванов, бил предизвикан хаос со предметите на СЈО, рече во своето сведочење обвинителот Рустеми. Тоа предизвика удар врз предметите на СЈО, меѓу кои беше и „Поштенска“. До тогаш, екс- шефицата Јанева не ми се мешаше ниту во предистрагата ниту во истрагата. Но, потоа таа предложи да се утврди штетата во случајот и да се затвори истрагата.

Мислев дека Јанева сака да се повика на мислењето на Врховниот суд и да ги затвори истрагите. Но, во средината на април 2019-та година, на колегиум Јанева повтори, да се пресмета штета во „Поштенска“ и во „Империја“, без предлози за затворски казни, а предметите да се затворат.

Пресметав штета, но предложив и ублажени затворски казни, адекватни на признание на вина со спогодба, а не како што наложи Катица, додаде Рустеми. Постапката за „Поштенска“ сега се работи во Обвинителството и прашање на време е кога ќе почне процесот.

За Рустеми ниту одбраната на Јовановски, ниту на Јанева немаа прашања.

Претходно Рустеми објасни како екс- шефицата при замрзнување на имотите на бизнисмените Главчев и Димитровски, за стан сопственост на една од фирмите на Главчев, побарала да го тргне од предлогот за замрзнување зашто веќе бил продаден на нејзина пријателка и така само ќе направеле поголема штета. Бил незначаен во однос на вредноста на останатиот имот, па не се посомневал, но му паднало многу непријатно кога дознал дека станот всушност бил на поранешниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски. Тој не се посомневал во одлуките на Јанева ниту кога му рекла да даде позитивно мислење за да му биде вратен пасошот на Томе Главчев, за гаранција од милион евра во машини за шиење кошули, бидејќи таквата гаранција била соодветна.

Во предметот „Рекет“ ќе следи сведочењето, меѓу другите на апелационата судијка Мери Дика- Георгиевска, шефицата на кабинет на Јанева, Сања Димовска и други.

Фиљана Кока