Годинава се очекува забрзан економски раст
Македонската економија годинава ќе достигне 3,4 проценти од бруто домашниот производ, прогнозира Меѓународниот монетарен фонд. Ќе ја стимулираат, пониските даноци и повисоките плати и пензии, иако со еднократен стимул на потрошувачката...

Растот ќе забрза, инвестициите и извозот може да забават под влијание на глобалните трговски тензии или одлагање на инвестицискиот циклус поради престојните избори. Меѓународниот монетарен фонд прогнозира- македонската економија годинава ќе достигне 3,4 проценти од бруто домашниот производ. Ќе ја стимулираат пониските даноци и повисоките плати и пензии, иако со еднократен стимул на потрошувачката.
„Пониските даноци и повисоките пензии и плати - вклучително и во јавниот сектор и минималните плати - се очекува да обезбедат дополнителен стимул за потрошувачката, иако еднократен. Растот на извозот и инвестициите ќе остане стабилен, но малку забавен, како одраз на слабиот раст на трговските партнери. Оваа умереност би можела да стане поизразена доколку тензиите на глобалната трговија се влошат или инвестициските планови се одложат поради неизвесност за време на изборниот период“- стои во извештајот на ММФ.
Оттаму став- иако минималецот ќе се зголеми, сиромаштијата нема да се намали, политиката не кореспондира со ниската продуктивност. Не изостанаа предупредувањата- власта да остане на патот на реформите, да се стегнат јавните финансии, да има контрола на корупцијата, поголема ефикасност на администрацијата. За да се справи домашната економија со идните шокови, фондот сугерира- перидот на раст да се користи за фискална консолидација и обнова на фискалниот простор. Се бара подобра наплата на приходите, кратење на зејоделските субвенции, зголемување на капиталните инвестиции.
„Консолидацијата ќе бара стабилно спроведување на веќе одобрените реформи кај пензиите и персоналниот данок на доход, како и засилена администрација на приходите и рационализација на земјоделските субвенции. Овие мерки ќе направат простор во буџетот за зголемување на основните капитални расходи и за намалување на инвестицискиот јаз. Ова треба да биде поткрепено и со зајакнато управување со јавните инвестиции“- велат од Меѓународниот монетарен фонд.
Во извештајот се оценува- кредитната активност е зголемена, банкарскиот систем е стабилен, добро капитализиран, ликвиден, но безбедноста треба да зајакнува. Ги поздравуваат реформите за сузбивање на сивата економија со став, во такви ситуации формалните бизниси се соочуваат со нелојната конкуренција од оние што не плаќаат даноци. Владеење на правото мора да се обезбеди.
Сузана Фиданска- Стоевска
