Филипче: Мерките се силни, нема место за паника
Мерките за заштита од Коронавирусот се силни и нема место за паника, вели министерот за здаравство Филипче. На Скопскиот аеродром се детектира секој граѓанин, кој ќе слета од Дубаи или Истанбул, дали доаѓа од Кина или имал некаков контакт со тој регион. Доколку има таков случај, постои протокол за изолација со посебно возило за брза помош...
Состојбата е под контрола, нема причини за ризик или паника од Коронавирусот во земјава – уверува министерот за здравство. Термалните камери на Скопскиот аеродром засега не детектирале сомнителен случај меѓу патниците кои слетале од Дубаи и Истанбул. Во соработка со авионските компании, надлежните очекуваат однапред да ги знаат имињата на оние кои имале контакт со критичниот регион.
„Преку Управата за цивилно воздухопловство ги очекуваме од авионските компании однапред пациентите кои што доаѓаат од овие градови, а доаѓаат од поширокиот регион на Вухан. Така, однапред и пред скенирањето знаеме колку пациенти, потенцијално заразени може да очекуваме. На некој начин имаме дупла сигурност. Сите од нив ќе бидат интервјуирани и ќе знаеме како ќе се постапува“, рече министерот Филипче.
Околу 50-тина кинески државјани кои престојувале во земјава, во моментов се во Кина. Во текот на денот ќе се знае од кој регион се и кога ќе се вратат во Македонија.
„Вчера искомунициравме со Кинеската амбасада, тие денеска ќе ни кажат колку од 50-те луѓе кои што кај нас се регистрирани, кој на постојан, кој на привремен престој се на патување во Кина и кога се очекува да се вратат и од кој регион се. Мислам дека работата е целосно под контрола, во овој момент не гледам ниту една причина за некаков ризик или паника“, нагласи Филипче.
Термалните камери за заштита од смртоносниот Коронавирус на Скопскиот аеродром беа поставени вчера. Но, поради несоодветната координација на здравствените власти со институциите, медицинските тимови задоцнија и ги пропуштија дел од патниците кои слетаа од Дубаи. Не беше исконтролиран ниту летот од Истанбул.
Летовите од Дубаи и Истанбул според препораките треба задолжително да се контролираат, бидејќи овие градови имаат директна конекција со Кина, каде што е жариштето на Коронавирусот.
Андријана Атанасовска
