Судскиот совет ќе ја проверува Кацарска

03.02.2020 15:14

Судијката Добрила Кацарска побарала од Судскиот совет да ги провери тврдењата на обвинителката Лиле Стојанова искажани на рочиште за случајот „Рекет“ дека судијката во време додека се решавало за притворот на Орце Камчев, цело време била во судот и вршела притисок преку колега обвинител- потврди денеска претседателот на Советот, Киро Здравев...

Судскиот совет ќе одлучува за евентуалната вмешаност на судијката Кацарска во предметот „Империја“, изјави претседателот на Советот, Здравев. Како што образложи, судијката побарала од Советот да ги провери тврдењата на обвинителката Лиле Стефанова за случајот „Рекет“ според кои судијката во време додека се одлучувало за притворот на Орце Камчев, цело време била во судот и вршела притисок преку колега обвинител.

„На 31-ви јануари до Судски совет е испратено барање од Добрила Кацарска за утврдување инволвираност во овој предмет. Ова е прв пат судија да бара покренување постапка за утврдување одговорност и ќе постапуваме по тоа“, изјави Здравев.

До Судскиот совет е поднесено барање за утврдување одговорност на судиите за бегството на Горан Грујовски и Никола Бошковски, потврди Здравев. Инаку во 2019-та година поднесени се вкупно 131 барање за утврдување на одговорност, што е зголемување во однос на лани. Ваквата промена се должи на тоа што со новиот Закон за Судски совет се овозможи поголем пристап на јавноста во поднесување барања за утврдување одговорност на судии и претседатели на судови.

Начелото на јавноста е основно за работата и на Судскиот совет, оценува Цаца Николовска од на Институтот за човекови права.

„Судскиот совет сега е задолжен со новиот закон да ги објави записниците од седниците и да го образложи гласањето за избор на судии и претседатели на судови. Но, образложението се практикува само за судии кои се избрани за претседател на суд или повисок суд, но и не за судии кои не се избрани, а имаат повисок број на бодови од избраните судии“, изјави Николовска.

Доколку Советот успее да ги оствари овие цели ќе го оправда своето постоење, вели Николовска.

 

Марина Стојанова- Тонева